Актуелниот американски претседател Џозеф Бајден денеска ќе ја посети Амазонија и ќе стане првиот американски претседател што ќе го направи тоа, објавија западните медиуми.
Со посетата на Амазонија, Бајден има намера да укаже на опасностите од глобалното затоплување, кои честопати беа игнорирани од Доналд Трамп, новоизбраниот американски претседател кој повторно ќе ја преземе функцијата во јануари, и кој веќе вети дека ќе ги укине мерките за борба против климатските промени.
Бајден патува од самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во главниот град на Перу, Лима, во бразилскиот град Манаус на самитот посветен на зачувувањето на Амазонија, а потоа во Рио де Жанеиро на самитот на Групата 20 на најголемите светски економии, кои ќе се занимаваат со различни прашања – од глад и сиромаштија до глобално владеење и климатски промени.
Научниците предупредуваат дека зачувувањето на Амазонија е од клучно значење за борбата против климатските промени поради огромната количина на јаглерод диоксид што ја апсорбираат дрвјата во регионот.