Американскиот демократски конгресмен Сухас Субрамањам испрати официјално писмо до поранешната британска војвотка од Јорк Сара Фергусон, во кое ја поканува да сведочи под заклетва пред комитет на американскиот Конгрес, за „блиски лични и деловни врски“ со сексуалниот престапник Џефри Епстин.
Субрамањам, исто така, ја замолува Сара Фергусон да сведочи за какво било знаење што го има за вмешаноста на нејзиниот поранешен сопруг Ендру Маунтбатен Виндзор во операциите на Епстин, според писмото во кое имал увид Би-Би-Си.
Како што е наведено, писмото на конгресменот претставува најдиректен притисок врз поранешната војвотка да сведочи од почетокот на скандалот со Епстин. Иако не постои правен механизам со кој таа би била принудена да сведочи во САД, Субрамањам претходно изјави дека конгресмените се подготвени да „преговараат за услови што ѝ одговараат“, а на повиците им се придружи и демократската конгресменка Мелани Стенсбери, која апелираше до секој што има информации за злоупотребата на Епстин да соработува со цел да се обезбеди правда за жртвите.
Сара Фергусон се споменува во некои од големиот број документи објавени од Министерството за правда на САД за случајот Епстин. Според документите, таа наводно му рекла на Епстин дека е „многу трауматизирана и осамена“, додека во 2009 година го опишала како „братот што отсекогаш го сакала“. Електронската преписка, исто така, сугерира дека таа го контактирала додека бил во затвор поради подведување малолетничка, и дека по ослободувањето на Епстин од затвор, таа и нејзините ќерки ручале со него во Мајами.