Свет Родово базирано насилство

Ален Берсе: Ниту една жена не смее да живее во страв од насилство

– Секој што навистина ги слушнал жените и девојките кои бараат помош по семејно насилство, сексуално насилство, принуден брак, демнење или други форми на родово базирано насилство, ја разбира итноста на нашата задача и одговорноста што ја споделуваме заедно за да ставиме крај на овие појави, додава Барсе во пораката. 

Ален Берсе: Ниту една жена не смее да живее во страв од насилство

Родово базираното насилство е главно прекршување на човековите права на жените во Европа, па затоа повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – 25 ноември потврдуваме дека ниедна жена не смее да живее во страв од насилство, порача генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.

– Демократијата се темели на фундаменталниот принцип дека секој заслужува еднакви права и достоинство и може да живее безбедно и слободно. Бидејќи нашите демократии се соочуваат со нови предизвици, правата на жените сè повеќе се доведуваат во прашање, наведува Берсе во пораката по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Берсе нагласува дека Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, е најсеопфатниот меѓународен договор за заштита на жените и девојчињата од сите форми на родово базирано насилство.

– Со обезбедување јасна интерпретација на основните принципи на човекови права вградени во Европската конвенција за човекови права, Истанбулската конвенција ја зајакнува нашата колективна рамка за дејствување. Нејзината важност лежи не само во правните стандарди што ги поставува, туку и во промената на начинот на размислување што поттикнува кон нулта толеранција на насилството, вели Берсе.

Според него, Истанбулската конвенција поставува висок стандард и предвидува покривање на празнините во кривичното законодавство, како, на пример, преку дефиницијата на силувањето, која сега се применува на многу национални закони низ Европа и преку формирањето на специјализирани единици за истрага и гонење, воведување услуги за поддршка на жртвите, подобрување на професионалната обука и зголемување на националните или регионалните буџети.

– Стратешките политички документи, како што се националните акциски планови, постепено се моделираат според Конвенцијата и таа стана силна алатка за застапување и спасување животи, додава Берсе.

Сепак, според него, вербалните заложби за еднакви права значи малку, ако половина од човештвото сè уште се соочува со насилство во секојдневниот живот.

– Демократијата не може да функционира ако жените не се безбедни и не можат целосно да учествуваат во јавниот живот. Новиот демократски пакт за Европа работи на зајакнување на демократијата преку обезбедување вистинска еднаквост, а од витално значење за тој напор е ставањето крај на насилството врз жените, истакнува Берсе.

Тој потенцира дека денес, една деценија по нејзиното стапување во сила, Истанбулската конвенција стана повелба за правата на жените жртви на насилство во Европа.

– Секој што навистина ги слушнал жените и девојките кои бараат помош по семејно насилство, сексуално насилство, принуден брак, демнење или други форми на родово базирано насилство, ја разбира итноста на нашата задача и одговорноста што ја споделуваме заедно за да ставиме крај на овие појави, додава Барсе во пораката. (МИА)

To top