Европската Унија ги повикува сите страни да покажат максимална воздржаност, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за објавениот прекин на огнот меѓу Израел и Иран.
– Како што изјави претседателката (на Европската комисија, Урсула) фон дер Лајен, ЕУ го поздравува објавениот прекин на огнот. Тоа само по себе е важен чекор кон враќање на стабилноста во тензичниот регион и тоа мора да биде наш колективен приоритет, рече Ал Ануни.
Тој го повика Иран да се ангажира сериозно за вклучување во кредибилен дипломатски процес, бидејќи, како што рече, преговарачката маса останува единствениот одржлив пат за постигнување напредок.
Ал Ануни додаде дека сите се загрижени од можно прелевање на тензичните состојби низ регионот на Блискиот Исток.
– Затоа испраќаме јасна порака, особено до Иран, дека деескалација на состојбите не е во ничиј интерес, потенцира Ал Ануни.
Тој додаде дека позицијата на ЕУ во однос на случувањата во Појасот Газа останува непроменета и дека таа бара целосен прекин на огнот, овозможување на дистрибуција на хуманитарната помош и ослободување на сите заложници.
– Блокадата на храната и лековите не го штити Израел, туку само создава дополнително страдање. Затоа мора веднаш да запре циклусот на насилство и страдање, додаде Ал Ануни.