Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска, за време на обраќањето пред турскиот Парламент најави дека планира да го посети Појасот Газа.
Абас се обрати на вонредна седница на турскиот Меџлис. Сесијата, организирана по повод неговата посета на Анкара, беше отворена од претседателот на парламентот, Нуман Куртулмуш.
Неговото излагање траеше 45 минути, што е повеќе од предвиденото. Абас неколкупати го зголеми тонот, а неговите зборови беа поздравени со аплауз повеќе од 20 пати. Голем дел од присутните неколкупати станаа на нозе.
На седницата присуствуваше и претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган, по чија покана Абас дојде во Анкара. Заедно со Ердоган беше и потпретседателот Џевдет Јилмаз. Меѓу присутните беше и Али Ербаш, директор на турската Дирекција за религиозни прашања – Дијанет.
– Немаме друг избор, па затоа јас и други претставници на палестинското раководство одлучивме да ја посетиме Газа, изјави Абас. Тој ги повика светските лидери и генералниот секретар на ОН исто така да ја посетат Газа.
– Целта на геноцидот што се врши во Газа е да се елиминира палестинското присуство од нашата татковина и да се протера нашиот народ, рече Абас. – Колку и да се обидуваат да го направат тоа, нема да успеат. Нашиот народ е приврзан кон својата света земја и ќе ги избрка окупаторите, истакна палестинскиот лидер.
– Ние ги следиме заповедите на исламот: Или победа, или маченичка смрт. Говорам овде на меѓународна платформа и ги повикувам сите арапски и исламски лидери заедно да ја исполниме оваа задача, додаде Абас.
Според него, „патот кон мирот и безбедноста започнува и завршува со Палестина“. „Нашата борба против варварската агресија на Израел ги мобилизира луѓето од сите континенти, кои се спротивставуваат на неправдата. Луѓето громогласно го осудуваат Израел и силите на уништување, додаде Махмуд Абас.
На седницата присуствуваа и дипломати од многу дипломатски претставништва во турската престолнина. Настанот беше проследен од голем број локални и странски новинари. (МИА)