Најмногу, пет деца се затруени со бактеријата Салмонела во основното училиште „Влада Тасевски“ во општината Карпош.
Како што велат родителите на децата од ова училиште, тие најверојатно се затруле со храна која ја приготвува и дава приватна фирма со која училиштето има склучено договор.
Случајот според револтираните родители, умешно го кријат од училиштето, па така не се постапува превентивно од страна на наставничкиот кадар за да ги информираат сите родители во групите на „Вибер“ (групи каде родителите комуницираат со наставничките за теми поврзани со наставата во одделението, секое одделение има своја група).
Од разговор со други родители дознавме дека најверојатно станува збор за бактерија која ја имало во ужинката која ја јадат децата. За храна месечно плаќаме 2500 денари и околу четиристотини денари за ужинка, а сето тоа се уште се крие и децата секојдневно ни јадат од истата кујна. Директорката крие, интерно се шири паника, но никој јавно не посочил да се преземат превентивни мерки или пак да се напомене до родителите чии деца пројавиле симптоми на стомачен вирус дека би можело да биде од оваа бактерија, вели револтирана мајка на ученик во основното училиште „Владо Тасевски“.
Родителите во неколку наврати ги потсетиле наставничките во повеќе одделенија да пишат јавно во „Вибер“ групите да ги информираат родителите, но очигледно биле спречени од директорката за да не се шири паника, а случајот да биде прикриен за во крајност не се раскине договорот со како што тие тврдат фирмата „Ванила фоод“ која ја подготвува храната за децата.
Според нашите извори, вакви случаи на салмонела има пријавено и во основните училишта, „Војдан Чернодрински“ и „Јан Амос Коменски“.
Став побаравме и од општината Карпош на чија територија се овие три училишта, но и под нивна надлежност.
Од таму ни одговорија дека вкупно во трите училишта има девет потврдени случаи на салмонела вирусот.
Во ООУ ,,Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна, (појадок и ручек), само кај тројца ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ ,,Јан Амос Комеснки”, од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај еден ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ ,,Владо Тасевски” има потврдени пет случаи од прво до четврто одделение, од 350 деца кои се хранат во училиште, велат од општината.
Од општината Карпош велат и дека во петокот на дневното мени имало:
Појадок: мекици без јајца и затворено јогуртче и
Ручек: спанаќ без месо со кисело млеко.
Тие потенцираат дека во текот на вчерашниот и денешниот ден, земени се брисеви од сите работни површини во сите основни училишта и сите вработени од Јавно здравје.
Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош, сама побарала вонреден преглед. До добивање на резултатите, ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ ,,Димо Хаџи Димов”, каде што нема регистрирани случаи, но каде што се наоѓа магацинот од кој се снабдуваат сите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота, стои во одговорот од Карпош до редакцијата на Курир.
Инаку салмонела е бактерија која се пренесува преку храна што содржи јајца, која е недоволно зготвена или направена од заразени прехранбени кондиторски производи чувани на несоодветна температура и средина.