Општина Ѓорче Петров ја продолжува својата посветеност на заштитата и поддршката на жртвите на насилство, со отворањето на нова канцеларија за психолошко советување и советување со социјален работник, како и бесплатна СОС линија 141-700, достапна за жени-жртви на семејно насилство.
Канцеларијата се наоѓа во просториите на Општина Ѓорче Петров, поточно на приземје и ќе биде отворена секој четврток од 10 до 14 часот за сите оние на кои им е потребна поддршка.
Истата ќе функционира во соработка со Национален совет за родова рамноправност, со цел обезбедување на психолошка поддршка, правни совети и социјално советување за жртвите на семејно насилство и насилничко опкружување.
По повод отворањето на канцеларијата, денеска беше одржана и стручна трибина на која беа претставени условите и можностите кои оваа канцеларија ги нуди, како и стручниот тим составен од психолог, правник и социолог. На трибината беше нагласена важноста од психолошката поддршка во процесот на соочување со стравот и излезот од насилничкото опкружување.
Општина Ѓорче Петров и понатаму активно работи на подобрување на состојбите поврзани со било каков вид насилство, буллинг или други форми на злоупотреба. Со овие активности, општината продолжува да ја засилува својата ангажираност во заштитата и ослободувањето на жртвите од насилните средини.