На 26 декември 2025 година во Скопје Сити Мол, Здружението Икуалити ја организира најпрекрасната, најзабавната и најинклузивната новогодишна забава, која веќе трета година продолжува да остава позитивен пример за соработка помеѓу здружението и заедницата на лица со попреченост и општествено одговорниот трговски центар.
Во пресрет на новогодишните празници, Здружението Икуалити, во соработка со трговскиот центар Скопје Сити Мол подготвуваат дневна програма која ќе вклучува музичка и забавна програма, активности за деца, креативни работилници, како и можности за дружење за сите присутни, преку што ќе се поттикне позитивна енергија и инклузија, како водечки вредности на овој настан, веќе три години по ред.
Преку вклучување на соработници во креативни театарски перформанси, забавна музичка програма, но и во рамки на едукативни и интерактивни активности насочени кон подигнување на свеста за инклузијата и заедништвото, Здружението Икуалити настојува да ја продолжи сорааботката со општествено одговорни организации и поединци. На тој начин сите вклучени страни заеднички создаваат посилна заедница и поттикнуваат меѓусебно разбирање.
„Преку оваа иницијатива, продолжуваме и понатаму да ги јакнеме нашите заложби за подобрување на заедништвото, еднаквоста и прифаќањето во нашето општество – тоа се нашите основни вредности.“ – изјави Ружица Стојановска, проектен координатор во Здружението Икуалити.
Здружението Икуалити и Скопје Сити Мол ги покануваат сите да им се придружат во креирањето на празничната магија и славењето на животот. Повеќе информации за настанот, како и деталната програма очекувајте во наредните денови преку профилите на Здружението Икуалити на социјалните мрежи: Instagram и Facebook.