Светски познатото тренерско кошаркарско име Светислав Пешиќ вечерва во Скопје ја промовираше својата книга „Мојата игра мојот пат“. Зад името на Пешиќ се наредени безброј медали од големите натпреварувања, златни медали на Европско првенство (со две репрезентации Германија и Југославија), злато на Светското првенство (со победа на американски Дрим тим), први места како селектор во неколку возрасни категории (како селектор на Југославија) и творец на еден од најдобрите состави во млади категории каде играа Тони Кукоч, Владе Дивац, Саша Ѓорѓевиќ, Дино Раџа, …
Некој ќе каже дека е кошаркарски иноватор, а други го знаат како „учител кој од ученикот секогаш успевал да го извлече најдоброто“, а тој за себе зборува дека дисциплина во спортот секогаш мора да има.
За својот авторски момент Пешиќ на вечерашната панел-дискусија истакна:
– Јас не сум писател, јас сум само тренер.
Тој како тренер буквално го минал целиот свет и тоа се за кошарката, патувајќи низ Европа, но и до Аргентина и Австралија, само за да го пренесе своето богато тренерско кошаркарско искуство.
На крајот од второто дополнето издание напишани се зборовите:
„Во спортот успехот не е во тоа да го работиш тоа што го сакаш, туку да го сакаш тоа што го работиш“.
Пешиќ на присутните спортисти, тренери, кошаркарски работници и бизнисмени, спортски новинари им зборуваше и за неговиот живот поврзан со кошарката. Настанот се одржа во книжарницата „Литература“ во „Дајмонд Мол“. (МИА)