Руската делегација заминува во Женева на мировни преговори за Украина со јасни упатства да дејствува во рамките на договорите постигнати на руско-американскиот самит на Алјаска, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.
– Можам да кажам дека нашата делегација вечерва заминува со најјасни можни упатства да дејствува во рамките кои (рускиот и американскиот) претседатели (Владимир Путин и Доналд Трамп) ги договорија за време на нивниот состанок во Енкориџ. Без тоа не може да се постигне успех – рече Рјабков на претставувањето на специјалното издание на списанието „Руско мислење“, кое е посветено на руско-американските односи, пренесува Тасс.
Рјабков потврди дека на преговорите во Женева, кои ќе се одржат утре, предвиден е и „трилатерален руско-американско-украински“ состанок.
– Прашањата се сложени и веројатно никој не би можел да го предвиди исходот од разговорите што ќе се одржат утре. Мораме да обезбедиме дека потенцијалниот договор ќе биде одржлив. Тоа значи, меѓу другото, дека мора да се занимава со прашањата кои се во коренот на овој конфликт. Постојат многу други аспекти кои во последно време интензивно се разгледуваа и продолжуваат интензивно да се разгледуваат – рече Рјабков.
Кремљ претходно соопшти дека руската делегација во Женева ќе ја предводи помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, а најавено е дека американската делегација ќе ја предводат специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и високиот советник на Белата куќа, Џаред Кушнер.
– И без прејудицирање на исходот, претпоставуваме дека ќе се вложат сите напори за да се постигнат овие цели. Едноставно нема друг начин – заклучи Рјабков.