Република Заедно за нов дом

Во Велес се одржа хуманитарна оперска гала вечер

Сите заедно да успееме и да им помогеме на оние лица на кои им е најпотребно, рече Златева.

Во Велес се одржа хуманитарна оперска гала вечер

Во големата сала на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа се одржа хуманитарма гала вечер, од која собраните средства ќе бидат наменети за отворање на нови групни домови за лица со попреченост во 2026 година. Хуманитарниот концерт го означи почеток на Кампањата „Заедно за нов дом“ која ќе се спроведува во текот на 2026 година и ќе овозможи запознавање со услугата „Живеење со поддршка“ и зголемување на капацитетите на истата, преку оформување на четири мали нови групни домови.

На свеченоста беше емитуван документарен филм за тоа како лицата со попреченост претходно живееле во Демир Капија, и сега како живеат и се посреќни во малите групни домови, а за што некои од нив и зборуваа пред камера.

Концертот го организира Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес што е овластен и лиценциран давател на услугата „Живеење со поддршка“, а кои веќе имаат отворено 4 мали групни домови за лица со попреченост – два во Велес и два во Градско.

Во магична предновогодишна атмосфера со познати оперски арии на класиката како и познати мелодии за Божиќ, настапија македонските оперски пејачи од кои некои се и велешани: Вероника Караколева – сопран придружувана од Фросина Џини – пијанистка, Полина Тасева – сопран, Магдалена Тодоровска, Вариса Хајдарпашиќ – сопран, Влатко Груевски – тенор, Дарко Тодоровски – бас баритон во придружба и пијанистот проф. Илија Настовски.

Новогодишен Giveaway – Зимзоленд

На свеченоста, Далиборка Златева претседател на здружението на бината им врачи благодарница на фирми, институции и поединци кои ја поддржале нивната работа, а меѓу нив на Општините Велес и Градско каде се сместени малите групни домови, а ги примија градоначалниците Марко Колев и Киро Нацков.

-Во документарниот филм ја видовте разликата како овие лица претходно живееја во институцијата во Демир Капија а како им е сега и се среќни сместени и живеат во малите групни домови во Велес и Градско. Сето тоа нема да се реализираше доколку ја немаше хуманоста од вас и хуманиста од локалната самоуправа, од Министерството за социјална политика од бизнис секторот, невладините организации и фондациите. Така сите заедно да успееме и да им помогеме на оние лица на кои им е најпотребно, рече Златева.

Сите фирми, поединци и институции можат да дадат хуманитарна финансиска поддршка за отворање на нови групни домови на Трансакциска сметка: 290 000027359871 Банка: ТТК банка и цел на уплата: „Донации за отворање на мали групни домови“.

Најнови вести од Република

To top