Со театарска претстава вечерва во Кавадарци беше одбележана Неделата на промоција на хумани вредности. Од страна на кавадаречкиот Црвен крст беше потсетено дека секоја година преку ПХВ неделата што се одбележува од 21 до 27 септември се пренесува порака за унапредување на социјалната вклученост, култура на ненасилство и мир, согласно Стратегијата 2030 на ЦКРСМ.
Волонтерите имаа можност да ја раскажат приказната на Анри Динан. Претставата беше реализирана во Дом на култура „Иван Мазов Климе“.
– Оваа театарска претстава е подарок за сите пријатели, партнери, донатори, родители, медиуми, соученици, кои дадоа свој придонес во реализација на малите хуманитарни проекти, за добробит на заедницата, рекоа од Црвениот крст, доделувајќи им благодарници на сите кои имаат свој удел во, како што рекоа, кавадаречката хумана приказна.
Присутните ги поздрави претседателот на Црвен крст Кавадарци, Димитар Каракулев, изразувајќи задоволство од изразената хуманост кај учениците од основните училишта.
– Годинава тие учествуваат во шест хуманитарни проекти, со што им се помага на луѓе од социјално загрозена категорија, подвлече Каракулев, потсетувајќи дека минатата година, согласно реализираните проекти со млади, Општинската организација на Црвен крст го зазеде првото место во државата.
Даниела Лазовска, дисеминатор во програмата на Црвен крст во акција, промоција на хумани вредности, се осврна на годинашните проекти и нивната хумана димензија.