Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане од почетокот на годинава досега имала 45 пожари од кои најголем процент на отворено, информираа денеска од ТППЕ.
Со зголемувањето на температурите, пожарникарите апелираат до жителите да бидат особено претпазливи.
– Од почетокот на годинава бележиме помал интензитет на пожари во однос истиот период лани. Се надеваме дека ќе остане на ова ниво. Меѓутоа почнува летната сезона и почна палењето на стрништа што е казниво со закон, апелираме сите да се однесуваат совесно, повика, денеска командирот на ТППЕ, Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.
Пожарникарите интервенирале на пожари на отворено, ридови, запалено ѓубре и имале две интервенции на објекти.
Старо Нагоричане зафаќа територија од површина од 451 километар квадратен, сместена во северниот дел од земјава на граница со соседна Србија.
– Лани во јули и август имавме неколку шумски пожари, тогаш интервенираат државни институции. Пред неколку години имаше пожар и меѓу двете држави, заеднички интервениравме и го саниравме, изјави Трајковски.
За противпожарната единица е важна изградбата на гаража да се заштитат двете возила, едното од 1981 и второто од 1988 година. Пожарникарите велат дека после секоја трета интервенција, поради распространетоста на општината возилата се носат на поправка. Пожарникарите се надеваат дека наскоро институциите ќе излезат во пресрет и ќе набават дополнително возило.