Општина Свети Николе и Овчеполието се аграрен регион или втора житница во Македонија во која егзистираат околу 500 регистрирани земјоделци, со евидентирани 20.000 хектари државно земјоделско земјиште со приближно 2.000 договори за закуп на земјоделско земјиште, и околу 2.700 апликанти по различни мерки за добивање на субвенции од програмата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, вели претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе.
Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција
Овие податоци се за секоја почит ако се земат во обѕир условите во кои работат овчеполските земјоделци кои во изминатите дваесет години се докажаа како најголеми двигатели на економијата во општина Свети Николе.
За жал состојбите во земјоделството со неодговорното и хаотично владеење на СДС и ДУИ ги втурнаа земјоделците од Овчеполието во неизвесност и страв од финансиска нестабилност поради претрпените загуби во производството.
Имено АД Водостопанство преку хидросистемот Брегалница, односно десниот магистрален канал кој има функција да го снабдува овчеполскиот регион со вода од браната Калиманци преку селата Мустафино, Ерџелија и завршува во општина Лозово е нефункционален, запуштен, неодржуван, и за овој водоснабдителен систем нема кој да се грижи и менаџира.
Во последните пет години во системот за наводнување нема никаква инвестиција, каналот е руиниран, со многу диви приклучоци, и огромна загуба на вода, а одржувањето е препуштено на самите водокорисници.
Иако вода за полевање на земјоделските култури земјоделците не добиваат навремено, во доволни количини и трпат сериозни загуби во производството фактурите кои ги добиваат од Водостопанство АД хидросистем Брегалница пристигнуваат на нивна адреса и земјоделците ги плаќаат навремено и во целост, бидејќи тоа е еден од условите да ги добијат очекуваните субвенции.
Во АД Водостопанство хидросистем Брегалница освен што се менуваа директори и згрижуваа партиски членови ништо друго и не се случуваше. Хаосот што го предизвикаа со недомаќинското работење се рефлектира преку тоа што пари за резервни делови нема, плати не земаа со месеци, вработуваа само во администрација и нема вработувања за одржување на каналската мрежа.
Нефункционалноста на овој хидросистем најверојатно ќе продолжи и оваа поливна сезона, бидејќи до сега се уште нема никакви интервенции на терен во системот за наводнување и поради тоа се потребни промени на власта која предизвика безредие, хаос и нефункционалност.
Земјоделците велат никогаш не било полошо и затоа се потребни промени, а ВМРО-ДПМНЕ има програма за надминување на овие проблеми бидејќи за ВМРО-ДПМНЕ важни се земјоделците кои произведуваат храна за населението, и важни се за одржување на економијата во општина Свети Николе.