Од Национален парк „Шар Планина“ информираат дека шумски пожар што бил евидентиран вчера во попладневните часови, денеска во текот на денот и попладнево се интензивирал. Пожарот е во близина на планинското село Селце.
– Вчера попладне почна и три часа интервенираа ренџерите, по што ги повлековме откако се стемни. Продолжило да гори преку ноќ. Утрово пет ренџери пративме да интервенираат, а причина да се интензивира беше и силен ветер. Пративме уште тројца ренџери и директорот, но се работи за голема површина. Побаравме помош од ЦУК за гасење од воздух, но оттаму ни рекоа дека моментално не се во можност да помогнат, но ако продолжи да гори со ваков интензитет ни ветија дека утре ќе пуштат хеликоптери. Гори шума, приватен имот и ливади, информираат од НП Национален парк „Шар Планина“.
На почетокот на април исто така од НП „Шар Планина“ информираа дека за само два дена од тој викенд изгореле поради пожар вкупно 170 хектари.
Според нивната евиденција лани имало 12 пожари, а од почетокот на оваа година до почетокот на април биле десетина.