Македонска Каменица на 11 и 12 јули ќе биде домаќин на Првиот меѓународен фолклорен фестивал „Каменица пее и игра“. Фестивалот ќе се одржи на Градскиот плоштад, а го организира Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“.
-Настанот има за цел да ја промовира македонската традиционална култура преку настапи на фолклорни ансамбли од земјата и странство. Во рамки на дводневната програма, предвидени се парадно дефиле низ градските улици, настапи со изворни песни и ора, изложба на традиционални носии, како и културна размена меѓу учесниците, информираа организаторите.
Од Општина Македонска Каменица информираат дека фестивалот претставува уште една потврда за заложбата на локалната заедница за негување и промоција на македонското културно наследство.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на фолклорот и традиционалната музика да бидат дел од настанот и заедно да проследат богата културна програма во духот на македонската традиција.