Стариот пат кон манастирот во Крива Паланка, „Св Јоаким Осоговски” е комплетно затворен за сообраќај поради санација на свлечиште, а граѓаните и посетителите се пренасочуваат кон новиот пат. Општинските служби нагласуваат доследно и во целост да се почитува оваа забрана.
-Општина Крива Паланка ги известува граѓаните дека, стариот манастирски пат ќе биде времено затворен за сообраќај до 25 февруари 2024 година. Постојното свлечиште на овој патен правец повторно се активираше поради обилните дождови, при што е оштетен асфалтниот пат и тој е целосно надвор од употреба. Согласно настанатата состојба на терен, значително е зголемен ризикот за безбедноста на учесниците во сообраќајот, патот е затворен за сите видови сообраќај, а за непречено одвивање на сообраќајот кон манастирот, околните села и туристичкиот локалитет Калин Камен, граѓаните и посетителите можат да го користат новиот, т.н. Руски пат. На терен ќе се врши санација на свлечиштето и ќе се спроведат истражни работи на оваа локација од страна на Друштвото за градежништво „Геинг ДОО”, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Од Општината апелираат граѓаните да имаат разбирање и доследно да ја почитуваат забраната. – Граѓаните во никој случај да не ја поместуваат или отстрануваат сообраќајната сигнализација поставена на патот, нагласуваат од Општина Крива Паланка.