Општина Делчево денеска ги објави конкурсите за доделување општински стипендии за ученици и студенти за 2026 година, со кои се предвидува финансиска поддршка за вкупно 23 млади лица.
Согласно објавените конкурси, Општина Делчево годинава ќе додели 19 стипендии за ученици од средните училишта, распределени во три категории, како и 4 стипендии за студенти во две категории. Стипендиите се неповратни и ќе се исплаќаат во период од девет месеци, почнувајќи од јануари 2026 година.
Висината на стипендиите за средношколци зависи од категоријата на која аплицира ученикот. За првата категорија е предвиден месечен износ од 2.000 денари, за втората категорија 2.500 денари, додека за ученици со попреченост стипендијата ќе изнесува 2.000 денари месечно.
За студентите, висината на стипендиите изнесува 2.500 денари месечно за првата категорија, односно 4.000 денари месечно за втората категорија, во зависност од утврдените критериуми во конкурсот.
Од Општина Делчево информираат дека конкурсите се објавени на официјалната општинска веб-страница delcevo.gov.mk, каде што заинтересираните кандидати можат да ги најдат сите информации за условите и потребната документација.
Апликациите со потребните документи можат да се доставуваат по пошта или лично во Архивата на Општина Делчево, секој работен ден во периодот од 7:30 до 15:30 часот. Конкурсот за аплицирање е отворен до 18 февруари 2026 година.
Со оваа мерка, Општина Делчево продолжува со поддршката на образованието и вложувањето во младите, со цел поттикнување на нивниот образовен и личен развој.