Општина Битола објави Јавен повик за финансиска поддршка на лица со ретки болести, со цел покривање на патни трошоци до здравствени институции надвор од Битола и поддршка за надминување на нивните секојдневни предизвици. Оваа мерка е наменета за лицата со ретки болести кои се наоѓаат во незавидна социјална и здравствена положба.
Оваа мерка во општината започна да се применува од 2023 година, на предлог на градоначалникот Тони Коњановски, по работната средба со претставници на здруженијата на лица со ретки болести од Битола, кога беше согледана потребата од локална поддршка за оваа категорија граѓани. Веќе трета година по ред Општина Битола издвојува по еден милион денари за финансиска помош која системски e вклучена во Програмата за социјална заштита на Општина Битола.
Во општината регистрирани се околу 30 лица со ретки болести, а локалната самоуправа ќе продолжи активно да ги поддржува, како преку конкретни мерки, така и преку поддршка на нивните иницијативи.
Јавниот повик, објавен од општината со прилог барања, достапен е на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/javen-povik-lica-so-retki-bolesti/.
Услови за аплицирање
За искористување на финансиската поддршка, лицето треба да ги исполни следните критериуми и да достави соодветна документација:
Да биде регистрирано како лице со ретка болест согласно дијагноза и критериуми утврдени од Министерството за здравство и/или да достави писмен документ од соодветна медицинска установа која ја потврдува состојбата (медицинска документација).
Да приложи медицински извештаи од посети на клиника надвор од Битола.
Да биде жител на општина Битола со важечка лична карта со адреса во општината. Доколку адресата во личната карта не се совпаѓа со реалното место на живеење, потребно е дополнително да се достави доказ за живеалиште.
Да има важечка трансакциска сметка во банка (копија од трансакциска сметка).
Да пополни пријава и изјава заверена на нотар (документи во прилог на јавниот повик).
Начин на исплата и рок за аплицирање
Јавниот повик останува отворен во текот на целата година, до целосно искористување на средствата. Исплатата ќе се врши двапати годишно – во јули и декември. Едно лице може да добие финансиска поддршка еднаш годишно, во максимален износ од 30.000 денари (бруто износ), во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.
За дополнителни информации, заинтересираните лица можат да се обратат во Општина Битола.