Со положување цвеќе на вечното почивалиште на Никола Незлобински, вработените во Струшкиот музеј, кој го носи неговото име и невладината организација „Каприкорн 2010“ одбележаа 82 години од смрттта на рускиот лекар, кој во Струга пристигнал во 1924 година со цел да ја уништи маларијата и станал основоположник на првата здравствена институција во Струга. Како голем љубител на природата се занимавал и со собирање и препарирање растителни и животински примероци развивајќи ја и музејската дејност, во чија чест е наречен и Музејот во Струга.
Преку националната установа, како што истакна директорот на музејот „Д-р Никола Незлобински“ Дарко Прензоски, го продолжуваме и славиме неговото дело.
– Незлобински е значајна личност за нашиот град и горди сме што денеска му оддадовме почит, по повод 82 години од неговата смрт. Се потсетивме дека во 1938 година, д-р Никола Незлобински покренал иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а тој го изготвил и ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година, Музејот бил отворен за прием на посетителите. Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга, го доби неговото име, изјави Прензоски.
Со обновување и осовременување на диорамата каде што е сместен најпознатиот експонат во Музејот – мечката, денеска заврши и обуката за препарирање, која ја реализираше самостојниот препаратор Васко Јолески.
– На оваа обука што ја реализирав изминатиов месец, учестуваа љубители на музејската дејност од сите возрасти. Имаа можност да научат како се изработува вештачка флора и фауна, како се препарира, како се одржуваат и заштитуваат експонатите во музејот, истакна Јолески.
Влезот во Струшкиот музеј утре, на Светскиот ден на музеите, ќе биде слободен за сите посетители.