Република Во Битола

Одбележани 75 години од основањето на Национален парк „Пелистер“

Националниот парк „Пелистер“ се протега на површина од 17.150 хектари, а клучна вредност за прогласување за национален парк беа и се глацијалните езера, камените реки и моликата, истакна Зоран Пројчевски, шумарски инженер, вработен во истоимената национална установа.

Одбележани 75 години од основањето на Национален парк „Пелистер“

НУ Национален парк „Пелистер“-Битола ја одбележа годишнината од денот кога пред 75 години, планината Баба со врвот Пелистер беа прогласени за национален парк.

Националниот парк „Пелистер“ се протега на површина од 17.150 хектари, а клучна вредност за прогласување за национален парк беа и се глацијалните езера, камените реки и моликата, истакна Зоран Пројчевски, шумарски инженер, вработен во истоимената национална установа.

-Во националниот парк „Пелистер“ има бројни археолошки локалитети, цркви и манастири кои датираат од предисториско и римско време се до средниот век кои се од големо значење за развој на туризмот. За посетителите се интересни многу растенија, а сакаат да бидат информирани и за дивите животни вклучувајќи го и рисот кој за последен пат е фотографиран во 2013 година, а со програмата за мониторинг веруваме дека повторно ќе го регистрираме, истакна Пројчевски.

Во рамки на свеченоста посветена на 75-годишнината од прогласувањето на планината Баба со врвот Пелистер за национален парк, во фоајето на НУ Центар за култура-Битола беше отворена фото изложба „Убавините на Пелистер“ чиј автор е фоторепортерот Петар Ставрев.

-Имам голем избор на фотографии, а селектирав 30 со кои е претставена убавината на националниот парк „Пелистер“. Има фотографии од сите годишни времиња, има фотографии со цветни површини, со снег и други убавини на Пелистер како реткост насекаде позната во светот. На Пелистер има 88 ендемски растенија што ги нема на други планини, но она што е најважно планината е безбедна за искачување на секој нејзин дел и предел, посочи Ставрев.

Од НУ Национален парк „Пелистер“ информираа дека во текот на 2023 година националниот парк „Пелистер“ го посетиле над 25.000 туристи.

Најнови вести од Република

To top