Конкурс за учество во работилници за рачни изработки е распишан во Кавадарци, со цел зачувување на традицијата и културата и оживување на старите изумрени занаети, информираат од Комисија за еднакви можности при Општината.
– Здружението на граѓани „Нова Цивиста“ со поддршка од локалната самоуправа на општина Кавадарци, распишува конкурс за млади девојки од Кавадарци за учество во работилници, преку кои учесничките ќе стекнат вештини за рачни изработки, како плетење, везење и слично, соопштија од Комисијата.
Оттаму појаснија дека овие работилници, дел од проектот „Традиционални вештини за рачни ракотворби на жената во тиквешкиот регион“, ќе придонесат за афирмација на традицијата и културното наследство, а истовремено ќе ги поттикнат и младите девојки, идни жени, да ги обноват и повторно да ги заживеат старите изумрени занаети, со што во минатото се занимавала македонската жена.