Република

Јата угинат подмладок од риба денеска плуташе на водата на велешкото езеро „Младост“

Јата угинат подмладок од риба денеска плуташе на водата на велешкото езеро „Младост“

Подмладок од угинати риби во јата денеска плутале на езерската површината на самиот крајбрежен појас на велешкото езеро „Младост“.

Даниел Наумоски, претседател на Здужението на спортски риболовци „Бабуна“ за МИА попладнево информира дека тие прво се забележани од страна на граѓани-посетители на езерото, а потоа биле известени и во Здужението, кое е концесионер на езерото.

Тој појаснува дека угинатиот подмладок од риба кој е од годинашниот мрест бил забележан на потегот од бродот „Панини“ до Браната и по увидот на лице место констатирал дека угинатата риба првично била на брегот на езерото на првата плажа на велешкото езеро „Младост“, а потоа со денешниот силен јужен ветер била однесена на оваа локација на езерото. Посочува дека ветрот ја растерал во внатрешноста на трските и на повеќе локации на езерото.

-Во контакт сме со Општина Велес, од каде по пријавата добивме првична информација за утре да бидат ангажирани стручни лица кои ќе се вклучат во исшитување за да се утврди причината на поморот. Затоа, јас денеска по пријавата веднаш отидов на местото на поморот и земав примерок на вода за анализа, изјави Наумоски.

Инаку, во Велес веќе четири години нема ниту општински, ниту државен инспектор за животна средина.

Од ЗСР „Бабуна“ се огорчени на ваквиот помор на подмладокот на риба од годинашниот мрест и очекуваат надлежниот државен инспекторат да ја утврди причината за овој помор. Тие очекуваат виновникот да биде соодветно казнет согласно постоечкиот Закон за заштита на животната средина.

Најнови вести од Република

To top