„Ехото на Македонија“ е насловен концертот во кој ќе уживаат кумановци во изведба на вокалниот солист Дарко Тодоровски со пијано придружба на Јован Цветковиќ, информираа денеска организаторите од Фондацијата за култура.
Концертот ќе се одржи утре (16 мај) со почеток во 20 часот во Занаетчискиот дом во Куманово и ќе ја презентира македонската музичка традиција пред пошироката публика. Тодоровски денеска ги покани кумановци да уживаат во изведбата на македонски народни песни во ново, уникатно изведување.
– Одамна ја чувствував потребата-внатрешна, длабока, речиси како животна неопходност – да запеам нешто македонско. Иако не беше планирано, на мојот последен концерт спонтано реков дека многу би сакал следниот да биде посветен токму на македонските народни песни и евергрини. Од публиката добив огромни овации, што беше знакот дека мора да го направам тоа, изјави Тодоровски.
На концертот ќе бидат изведени препознатливи македонски народни песни, како и популарни евергрини, дел од нив во нови музички аранжмани.
– Мојот долгогодишен соработник и пијанист, Јован, многу храбро ја прифати мојата покана да го направиме концертот заедно. Тој е џез пијанист со исклучително музичко образование и вкус, и токму неговите вештини беа совршени за аранжманите што ги замислував. Заедно создадовме концерт кој на едно место ги спојува традицијата, џезот, модерното чувство и македонскиот музички дух, додаде Тодоровски.
Организаторите најавуваат единствено музичко искуство кое ги спојува традиционалните мелодии со современи елементи. Според изведувачите, програмата ќе ги опфати најпознатите македонски мелодии кои ја презентираат историјата, културата и емоциите на македонскиот народ. Влезот за посетителите е бесплатен.