Националниот центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ денеска на прес-конференција ги презентираше проектите кои ја добија поддршката од Министерството за култура и туризам за 2026 година.
Директорот Златко Начовски истакна дека поддршката опфаќа различни области на културната дејност: фолклорна дејност, музичка и музичко-сценска дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн, литература и издавачка дејност, инвестициско одржување и опрема, како и музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство.
-Оваа година нашата установа доби финансиска поддршка за 23 проекти кои ќе ја збогатат културната понуда во Делчево, од фолклор и музика до визуелни уметности и литература- рече Начовски, потенцирајќи дека меѓу најзначајните проекти е реализацијата на постојаната музејска поставка во Спомен-домот на Разловечкото востание.
Тој посочи дека поддршката ќе овозможи континуитет и развој на културниот живот во градот.
-Со оваа поддршка продолжуваме да ја развиваме културната понуда, да создадеме нови содржини за публиката и да обезбедиме континуитет во културните активности. Најзначајните проекти опфаќаат активности на фолклорната група и женската пејачка група „Ѓурѓа“, музички концерти и камерни настапи, ликовни изложби и работилници, литературни фестивали и изданија, набавка на опрема за Спомен-домот на Разловечкото востание и културни активности кои го одбележуваат јубилејот од 150 години од историскиот настан- подвлече Начовски.
Директорот на културната установа ги покани граѓаните да присуствуваат на сите културни настани, а веќе оваа среда од 19 часот делчевската публика ќе има можност да ужива во театарската комедија „ЈЗУ Европа“. МИА