Република Општина Делчево

Делчевскиот градоначалник Иван Гоцевски оствари средба со индиски бизнисмен

Посебно ме радуваат позитивните впечатоци и првите импресии кои ги сподели нашиот гостин за убавините и потенцијалите што ги нуди општината, истакна Гоцевски.

Делчевскиот градоначалник Иван Гоцевски оствари средба со индиски бизнисмен

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска во својот кабинет оствари работна средба со Ашок Џеин, директор на индиската компанија „Кришна Ламикоут ПВТ Лимитед“.

Како што информираше Гоцевски, средбата е реализирана по заедничка иницијатива на индискиот бизнисмен и претставници на локална приватна компанија од Делчево, со цел разгледување на можностите за потенцијална деловна соработка.

-На состанокот разговаравме за можностите за инвестиции во Делчево, за расположивите ресурси од различен капацитет, како и за законските рамки врз основа на кои би можела да се реализира евентуалната соработка. Посебно ме радуваат позитивните впечатоци и првите импресии кои ги сподели нашиот гостин за убавините и потенцијалите што ги нуди општината, истакна Гоцевски.

Тој нагласи дека локалната самоуправа е подготвена да обезбеди целосна поддршка за сите сериозни инвеститори кои имаат интерес да вложуваат во Делчево.

-Го уверив г-динот Џеин дека Општина Делчево со целиот свој административен и институционален капацитет ќе биде ставена во функција на неговите потреби и планови, доколку се донесе одлука за конкретни инвестиции во нашата општина, додаде Гоцевски.

Од Општина Делчево оценуваат дека ваквите средби се значаен чекор во насока на привлекување странски инвестиции и отворање нови можности за економски развој на локално ниво.

Локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи активно да работи на промоција на инвестициските потенцијали на Делчево и создавање поволна деловна клима за домашни и странски инвеститори.

To top