Едно дете загина, а седум други се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила утрово околу 3:30 часот на автопатот Нови Сад – Белград, во близина на наплатната рампа во правец кон српската престолнина. Во несреќата е тешко повреден и возачот на комбето.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи на Србија, несреќата се случила кога комбе марка „Опел Виваро“ со белградски регистарски таблички излетало од коловозот, ја пробило заштитната ограда и паднало во канал.
Во возилото се наоѓале осум малолетници на возраст од 13 до 16 години, членови на џудо-клубот „Партизан“ од Белград, кои се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан.
Едно од децата, родено во 2009 година, починало на самото место, а останатите седум се повредени и се пренесени во Институтот за здравствена заштита на деца и млади во Војводина.
„Во сообраќајната несреќа се повредени седум деца на возраст од 13 до 15 години. Две се сместени на одделението за интензивна нега, едно дете има повреда на цервикалниот ‘рбет и е транспортирано во Белград, а друго беше подложено на хируршка интервенција под општа анестезија. Останатите се во стабилна состојба и под лекарски надзор“, изјави за РТС доктор Андреа Ѓуретиќ од новосадската Детска болница.
Возачот на комбето, маж на 43 години, идентификуван како С. С. (1982), е пренесен во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина со повеќекратни трауматски повреди.
Од таму информираа дека по целосна дијагноза и медицинска интервенција, тој се наоѓа под постојан надзор на лекарите.
Со алкотест е утврдено дека возачот не бил под дејство на алкохол во моментот на несреќата.
На местото на несреќата во тек е увид кој го води надлежниот јавен обвинител, со цел да се утврдат причините за трагедијата. Првичните податоци укажуваат дека комбето, од засега непознати причини, изгубило контрола веднаш по минувањето на наплатната рампа, по што излетало од патот.
Веста за трагедијата предизвика длабока жал во белградската спортска јавност. Од џудо-клубот „Партизан“ засега нема официјално соопштение, но членовите и тренерите изразуваат сочувство до семејствата на децата и надеж за брзо закрепнување на повредените.