Регион

Странските дипломати ја поздравија одлуката на косовската влада за доделување на земјиштето на Манастирот во Дечане

Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суниог преку објава на платформата „Х“ порача дека ова е добар „ден за владеење на правото во Косово“.

Странските дипломати ја поздравија одлуката на косовската влада за доделување на земјиштето на Манастирот во Дечане

Повеќе западни дипломати акредитирани во Косово ја поздравија денешната одлука на Владата на Албин Курти да му се признае на православниот Манастир во Дечане правото на сопственот на 24 хектари земјиште, согласно одлуката на Уставниот суд на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суниог преку објава на платформата „Х“ порача дека ова е добар „ден за владеење на правото во Косово“.

– По долго чекање, конечно стана реалност спроведувањето на одлуката на Уставниот суд од 2016 година во случајот со земјиштата на Дечанскиот манастир. ЕУ се заснова на владеење на правото. Зачувувањето на владеењето на правото и почитувањето на независноста на судството се неопходни предуслови за патот на Косово кон ЕУ. Денешната одлука е добредојден чекор, што ја покажува посветеноста на Косово, напиша Шунјог.

Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер, во својата реакција исто така на „Х“ рече дека ја цени одлуката на Владата на Курти, за која додаде дека ја покажува посветеноста на Косово за одржување на владеењето на правото и независноста на судството.

Американскиот амбасадор им се заблагодари на косовските лидери за нивните напори да го унапредат ова прашање, додека во неговата објава го „тагира“ и помошникот државен секретар Џим О’Брајан.

– Ја ценам одлуката за регистрацијата (во катастар) на земјиштето на Дечанскиот манастир – што ја покажува посветеноста на Косово за одржување на владеењето на правото и независноста на судството. Како што изјави утринава заменик-помошникот државен секретар Габриел Ескобар, денешната одлука за Дечанскиот манастир е неопходен чекор и им благодариме на косовските лидери за нивните напори да го придвижат ова напред, напиша Ховениер.

Германскиот амбасадор, Јорн Роде, одлуката за Дечанскиот манастир ја нарече историски момент, нагласувајќи дека ова е важен чекор во посветеноста на Косово за владеење на правото.

– Конечно се заврши. Иако спроведувањето на одлуката на Уставниот суд дојде многу доцна, таа означува важен чекор во посветеноста на Косово за владеење на правото. Им честитаме на владата на Косово, на сите вклучени политички актери и на Дечанскиот манастир за овој историски момент, напиша Роде на платформата „Х“.

Амбасадорот на Велика Британија Џонатан Харгривс изјави дека денешната одлука на официјална Приштина докажува политичка храброст и посветеност на владеењето на правото.

– Ја поздравувам одлуката на Владата на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за Дечанскиот манастир, со што се докажува нејзината политичка храброст и посветеност на владеењето на правото, напиша Харгривс.

Шефот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, Пјетро Барбано, исто така, ја поздрави одлуката на Владата за земјиштето на Дечанскиот манастир.

– Многу го поздравувам задоцнетото спроведување на одлуката на Уставниот суд за случајот со Дечанскиот манастир. Правната сигурност е основата на правната држава!, напиша Барбано на платформата Х.

Претходно тоа го направи и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој утрово допатува во официјална посета на Косово.

На прес-конференцијата по денешната средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Ескобар изјави дека одлуката на Владата на Курти била „тешка, но неопходна“.

– Сакам да нагласам колку е важна денешната одлука за Манастирот. Тоа беше тешка, но неопходна одлука и им благодариме на институциите за целата соработка, рече Ескобар.

Владата на Косово денеска ѝ наложи на Агенцијата за катастар да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за признавање на правото на сопственост на 24 хектари земјиште на Дечанскиот Манастир.

Премиерот Курти на почетокот на денешната седница на Владата рече дека оваа одлука ја донел, затоа што претставува услов за прием на Косово во Советот на Европа.

Тој рече дека Владата на Косово е исправена пред две опции: да го исполни овој услов и Косово да биде примено во Советот на Европа или да остане без членство. Според него, одлуката е донесена „водејќи се од здравиот разум“.

Курти нагласи дека и натаму ја смета одлуката за штетна, но додаде дека приемот во Советот на Европа ќе биде историска победа.

To top