Грчкиот полицаец, кој пред 20 дена беше сериозно повреден во инцидентите пред спортска сала во Атина за време на одбојкарскиот натпревар Панатинаикос-Олимпијакос, денеска им подлегна на тешките повредите, јави дописничката на МИА од Атина.
Полицаецот беше хоспитализиран во критична состојба, откако на 7 декември беше погоден во горниот дел од ногата со пиротехничко средство, кое се запалило, а претпладнево ја загуби битката.
За инцидентите беа приведени 424 лица, уапсен беше 18-годишен кој го фрлил пиротехничкото средство, а по сериозната повреда на полицаецот, грчката Влада воведе вонредни мерки за справување со спортското насилство, меѓу кои и одигрување без публика на сите фудбалски натпревари од првата лига до средината на февруари.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалните мрежи денеска изрази жалење и сочувство за смртта на полицаецот и порача дека „казнувањето на убијците и искоренувањето на насилството сега веќе се прашање на чест за државата и општеството“.