Владимир Кецмановиќ, таткото на момчето-убиецот Коста Кецмановиќ, кој на 3 мај минатата година уби девет ученици и обезбедувањето на училиштето „Владислав Рибникар“, на секое судење се обидува да нагласи колкава е неговата болка поради сето она што го направил неговиот син, како и дека ќе направел се за да го спречи страшното злосторство доколку знаел што се случува во главата на неговиот наследник.
На последното судење во Палатата на правдата, Владимир истакна дека од 3-ти мај, кога Коста направи крвав поход, тој е мртов човек, но дека се што прави е за ќерка му.
-Стојам овде поради ќерката која е жртва на нејзиниот брат. Немаше индикации дека ужасот ќе се случи. Коста бил во контакт со многу луѓе и одел на многу активности и никој не забележал отстапувања во неговото однесување, започна Владимир Кецмановиќ и додаде:
„Во овој момент би било непримерно пред семејствата на жртвите да кажувам какво дете бил Коста и колку сме грижливо семејство. Да знаев што се случува во главата на Коста и некој да ми кажеше дека има некаков проблем, ќе направев се за да го спречам масакрот“.
Подоцна Владимир им изрази сочувство на семејствата на жртвите.
-Изразувам огромно и длабоко сочувство до семејствата на загинатите. Мојата болка и тага се неизмерни, рече тој.
Исто така, пред овој суд се води кривична постапка против таткото и мајката на момчето, како и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде што наводно научил да пука, додека малолетникот кривично не одговара бидејќи немал 14 години на времето на масакрот. Судот го прифати предлогот на Вишото јавно обвинителство во Белград и судењето го затвори за јавноста.
Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби за надомест на штета.
Поднесени се тужби од семејствата на загинатите, но и од двајца ранети малолетници и еден наставник по историја кој исто така беше тешко ранет за време на крвавиот пир на Коста.