Регион

Нови инциденти во северно Косово, запалени два камиона и патничко возило во Северна Митровица

Нови инциденти во северно Косово, запалени два камиона и патничко возило во Северна Митровица

Два камиони и еден автомобил изгореа денеска во раните утрински часови во Северна Митровица, општина во северно Косово населена со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за медиумите изјави дека случајот е покренат како подметнување пожар, а пред палењето рече дека се слушнале три детонации, предизвикани од молотови коктели.

Елшани информира дека во пожарот нема повредени, а полициските органи излегле на самото место и го истражуваат случајот.

Радио слободна Европа објави дека сопственици на камионите се Албанци, кои имаат бизнис со трговија на големо во Северна Митровица, додека оштетеното патничко возило е сопственост на Србин.

На северот на Косово, област населена со мнозинство Срби, годинава имаше неколку слични инциденти.

На почетокот на јуни изгореа два автомобила на истото место, каде што се запалени и последните камиони, додека на почетокот на април му изгоре автомобилот и на припадник на граничната полиција на Косово.

На почетокот на март изгоре и локал сопственост на Наташа Томаниќ, поранешна заменичка-градоначалник на општина Звечан. Таа и локалните власти изјавија дека постои сомневање дека пожарот бил намерно предизвикан.

На крајот на март, пак, изгоре објект во сопственост на Ненад Радосавлевиќ, поранешен директор на Управата за спорт, млади и култура во општина Лепосавиќ.

Радосавлевиќ тогаш за РСЕ изјави дека верува оти мотивот за подметнувањето пожар е од политичка природа.

Во текот на 2023 година и на крајот на 2022 година, кога на косовскиот север беше во тек пререгистрација на возила со косовски регистарски таблички, на тој простор беа опожарени неколку возила со регистарски таблички РКС (Република Косово).

To top