Регион

Лајчак утре во Белград на средба со Вучиќ

Лајчак утре во Белград на средба со Вучиќ

Специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина и другите регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, утре доаѓа во Белград, каде што ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Лајчак ќе се сретне со Вучиќ, а по средбата не се предвидени обраќања пред медиумите, соопштија од кабинетот на српскиот претседателот, туку само ќе проследат соопштение до медиумите.

Словачкиот дипломат доцна синоќа најави дека ќе го посети Белград, без да прецизира датум, за да ја подготви следната средба во рамки на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Минатата недела од истата причина беше во Приштина.

-Како следно, одам во Србија, исто така, како дел од подготовките за следната средба во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, порача Лајчак на Фејсбук, сумирајќи ја изминатата недела.

За време на престојот во Приштина, Лајчак во петокот изјави дека е постигнат договор за нова рунда дијалог меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, но не сакаше да каже кога ќе се одржи тој состанок. Лајчак рече и дека Србија го повлекла писмото испратено до Брисел минатата година, во кое изразува резервираност во однос на Договорот за патот кон нормализација на односите со Косово и неговиот анекс за спроведување. Српските власти не се огласија за ова. Во тоа писмо, кое беше испратено до ЕУ во декември, тогашната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, наведе дека Договорот „се смета за прифатлив само во контекст кој не се однесува на де факто и де јуре признавањето на Косово“.

Лајчак во Приштина изјави и дека главниот мост на Ибар треба да биде отворен за сообраќај, но во координација со косовските сојузници.

To top