Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека стапувањето во сила на правилникот на Централната банка на Косово (ЦБК) за еврото како единствена валута за готовински плаќања во Косово, односно забраната за користење на српскиот динар, има за цел да воспостави фискална транспарентност, а не нечие „санкционирање и казнување“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Од вчера, 12 мај, еврото е единствената валута за трансакции во Косово, на што се спротивставија официјален Белград и политички претставници на Србите во Косово, велејќи дека тоа оди на штета на српската заедница во земјата, од која голем дел во динари примаат плати, пензии и социјални придонеси од државата Србија.
Обраќајќи им се на новинарите при денешната посета на општина Каменица, Курти изјави дека Централната банка на Косово, како независна институција, а не косовската Влада, е таа која ги поставува правилата за банкарско работење.
„ЦБК појасни дека целта е законитост, транспарентност, а не санкционирање и казнување. Тие (ЦБК) се оние кои се повисоко од пред нас и се предводници во овој процес на што е можно понепречена транзиција кон воведувањето на единствено платежно средство“, изјави Курти.
Тој додаде дека правилникот на ЦБК нема за цел да се спротивстави на динарот, туку еврото да биде единствено готовинско платежно средство во Косово, како што е предвидено и со Уставот на државата.
Европската унија, која посредува во преговорите меѓу Приштина и Белград, најави дека задутре, среда, 15 мај, ќе се одржи нова рунда преговори во врска со одлуката на Косово да ја забрани употребата на динарот како платежно средство во земјата.