Станува збор за прв состанок на пратеничката група откако единаесетмина пратеници од две фракции ја напуштија СИРИЗА, а партијата сега има 36 од 47 пратеници по изборите во јуни, нешто што не остана неискоментирано од Каселакис.
Рече дека иако се 36 пратеници, „моралното парламентарно присуство на СИРИЗА е и ќе биде 47 пратеници, затоа што тоа го избра грчкиот народ“.
Упати критики до пратениците што си заминаа дека не го испочитувале кодексот на однесување со оглед на тоа дека не ѝ ги вратија на партијата пратеничките места, но и дека нивните амбиции ги ставаат над општеството.
За драстично намалениот број пратеници во изминатите девет години, Каселакис истакна дека тоа е реалност што сега треба да ја сменат.
-Очигледно за девет години се менува државата, се менува општеството. И за жал, заклучокот е дека постепено дојде до разединување меѓу СИРИЗА и општеството. Јаз меѓу политичкиот предлог на СИРИЗА и општествените промени. Ова е реалноста што сега сме повикани да ја смениме, порача лидерот на СИРИЗА.
На истражувањата на јавното мислење во Грција спроведени во изминатиот период СИРИЗА е со намален рејтинг и падна на третото место, зад ПАСОК.