Полицијата од Бања Лука идентификувала три лица кои во ноќта кон недела во центарот на градот го нападнале хрватскиот конзул и неговиот брат.
Според полициското соопштение, истрагата утврдила дека во физичката пресметка учествувале три лица од Бања Лука, како и двајца државјани на Република Хрватска, при што не се наведува дека еден од нив е конзул на Хрватска во Бања Лука.
По завршување на постапката, против учесниците ќе биде покрената прекршочна постапка за тепачка, физички напад и навредување, соопшти полицијата, која за случајот го известила Основниот суд во Бања Лука.
Нападот врз хрватскиот конзул од прв ред, чие име не се објавува, и неговиот брат бил пријавен набргу по инцидентот, при што тие се здобиле со повреди. Според изјавите на оштетените, нападот бил проследен и со навреди на национална основа.
Амбасадата на Република Хрватска во Сараево поради инцидентот испрати протестна нота до властите на Босна и Херцеговина.
Нападот го осудија потпретседателот на Република Српска од хрватскиот народ, повеќе хрватски политички партии, како и Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, која ги повика надлежните да го истражат случајот и да ги изведат одговорните пред правдата. (МИА)