Преку фиктивни работни договори со фиктивни работодавци, членовите на криминална организација разбиена на грчкиот остров Крит, во Грција нелегално носеле државјани на трети земји, пред сè од Пакистан, им ги одземале пасошите и работно ги експлоатирале, а грчката полиција уапси 21 лице, додека нелегалниот профит се проценува на 5 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека станува збор за повеќечлена криминална организација, чии членови се занимавале со трговија со луѓе, во форма на трудова експлоатација, како и со олеснување на влез и незаконски престој на државјани од трети земји на територијата на Грција.
Криминалната организација била активна најмалку од 2023 година, а освен уапсените членови, во предметот се вклучени уште 11 други лица.
Според полицијата, членовите на организацијата развиле мрежа на соработници во Грција и во странство, особено преку грчките конзуларни власти во Исламабад, Доха и Абу Даби, при што на грчка територија внесувале државјани од трети земји и незаконско им обезбедувале визи.
– Нивната активност опфаќаше регрутирање странски државјани, главно од азиски земји, на кои лажно им кажувале дека можат да им обезбедат легална работа и престој во Грција, искористувајќи ја нивната ранлива положба и добивајќи ја нивната согласност со измамнички средства, како лажни ветувања за работа и престој. Потоа, го олеснувале нивниот влез во земјата преку постапката за увоз на работна сила, користејќи фиктивни работодавци и склучувајќи фиктивни индивидуални договори за работа, без реално да постои пријавениот работен однос, соопштија од грчката полиција.
За постигнување на целта, членовите на криминалната организација до надлежните власти поднесувале неточни и лажни податоци за издавање визи и дозволи за престој.
По влезот во земјата, странските државјани биле сместувани во делови на Крит, но и во централна Грција и Атика, а членовите на криминалната организација ги задржувале пасошите за да имаат целосна контрола над нив.
Паралелно, им наметнувале прекумерни финансиски обврски, кои странците морале да ги отплаќаат преку работа и биле распоредувани на работни места во услови на трудова експлоатација, без почитување на законските работни услови и без исплата на законски плати и придонеси.
При истрагите и претресите во домови, продавници и компании, меѓу другото, биле пронајдени и одземени: оружје и куршуми, мобилни телефони, компјутери, картички, странски пари, документи, пасоши на странски државјани итн.
Уапсените денеска ќе бидат изведени пред јавен обвинител, а истрагата на грчката полиција продолжува. (МИА)