Декемврискиот Самит на ЕУ требаше да биде моментот на стратешка решителност претседателката на Европската комисијата, Урсула фон дер Лајен, но наместо тоа тој заврши со неисполнети амбиции и јавен неуспех за неа, иако таа потроши „планини политички капитал“ обидувајќи се да изведе невиден потег – да ѝ позајми милијарди на Украина со користење на замрзнатите руски средства, наведува бриселскиот портал „Еурактив“ во осврт на собирот на европските лидери што заврши рано изутринава.
– Иако лидерите се согласија на пакет за финансирање на Украина во следните две години, крајниот резултат беше понижувачки политички пресврт за поддржувачите на предлогот, пред сè за Фон дер Лајен и (германскиот канцелар) Фридрих Мерц, кои го претставуваа планот како единствен одржлив начин за да се зголеми притисокот врз Москва, а воедно и да се одржи солвентноста на Киев, се наведува во текстот.
Порталот посочува дека ваквиот предлог Фон дер Лајен првпат го изнесе во говор во септември, но поминаа уште два самити на ЕУ и три месеци, пред таа да достави предлог-текст, со што им даде на скептичните доволно време да поднесат приговори.
– Во текот на целиот Самит, алтернативите на предлогот, како што е заедничкото задолжување, таа ги оквалификуваше како нефункционални, се додава во освртот
Во него се тврди дека на самиот Самит многу земји членки номинално ја поддржуваа идејата на Фон дер Лајен за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. заем за репарации на Украина, но кога дојде време да се стави потпис на договореното, тие се двоумеа.
– Тие лидери се полни со слогани, но немаат смелост, изјавил во раните утрински часови европски дипломат за „Еурактив“.
Во анализата се наведува дека „тивките убијци“ на предлогот на Фон дер Лајен за заемот за репарации биле Италија и Франција, кои ниту отворено се спротивставија на планот, ниту пак го бранеа во пресрет на Самитот.
Сепак, се оценува дека на крајот предлогот пропадна поради „постојаното противење“ на белгискиот премиер Барт де Вевер, во чија земја се депонирани најголемиот дел од замрзнатите руски средства.
– Тоа беше како брод што тоне. Како „Титаник“. И на крајот пропадна, изјави Де Вевер рано утрово коментирајќи го планот за заемот за репарации. Но, тој одби да прогласи победа на Самитот, нагласувајќи дека на него победила Украина, а не Белгија.
Но, според „Еурактив“, победници на ноќта беа трите влади кои најмногу се спротивставуваа на поддршката на Киев.
– Чешка, Унгарија и Словачка се согласија да се откажат од своите вета, дозволувајќи им на другите 24 држави да одобрат 90 милијарди евра заеднички долг, поддржан од буџетот на ЕУ, што ќе биде исплатен како заем на Украина, се наведува во текстот.
Но, она на што може да се вади Фон дер Лајен кога станува збор за ваквиот договор е тоа што со него отплатата на заемот теоретски останува поврзана со идните руски воени репарации и тој овозможува правна „мала врата“ за искористување на замрзнатите руски државни средства доколку Москва „никогаш не се откаже од Украина“.
„Еурактив“ оценува дека извртувајќи го исходот од Самитот, Мерц го поздрави договорот за финансирање на Украина како успех и инсистираше дека заемот за репарации „е одложен, а не напуштен“.
– Само го променивме редоследот, рече утрово Мерц, тврдејќи дека руските средства еден ден би можеле да бидат искористени.
Сепак, според порталот, овој Самит му нанесе двоен удар на германскиот канцелар Мерц.
– Заемот обезбеден со руските средства пропадна, а трговскиот договор ЕУ-Меркосур беше одложен за почетокот на следната година, главно за да се приспособи на италијанските и француските барања. За Фон дер Лајен, пак, импликациите се подлабоки. Овој самит ги откри границите на нејзината политичка моќ и ризиците од претерувањето со претставување на една правно кршлива и политички спорна идеја, како сребрен куршум, се заклучува во анализата.