Српскиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали денеска соопшти дека националната авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати – „Етихад Ервејс“ целосно излегува од косопственоста во српската национална авиокомпанија „Ер Србија“, јави дописникот на МИА од Белград.
Мали изјави дека државата Србија денеска ќе ги заврши сите потребни документи и ќе го преземе преостанатиот удел во „Ер Србија“ од „Етихад Ервејс„.
Тој изјави дека државата го презела делот од сопственоста од „Етихад ервејс“ што од 2013 година беше косопственик на „Ер Србија“.
Според склучениот договор, Србија ги презеде од „Етихад ервејс“ преостанатите 16,42 отсто од акциите на авиокомпанијата „Ер Србија“, со што компанијата стана целосна сопственост на државата Србија.
-Од 2013 година тие се партнери и косопственици во „Ер Србија“. Поради нивните деловни одлуки, тие ја напуштаат „Ер Србија“. Наше е да продолжиме да ја развиваме компанијата, рече Мали.
Компанијата „Ер Србија“ е создадена во 2013 година кога националниот авиопревозник на Обединетите Арапски Емирати „Етихад Ервејс“ презеде 49 отсто од акциите на поранешниот „Јат Ервејс“ врз основа на договорот со Владата на Србија, кој беше прогласен за деловна тајна.
Обврската на „Етихад“ беше да инвестира 40 милиони долари и да обезбеди уште 60 милиони преку кредитни линии, додека Владата на Србија ги презеде долговите на поранешниот ЈАТ и обврската да ја плати социјалната програма за технолошки вишок.
Очекувањата на српските власти беа големи по доаѓањето на партнерите од Емиратите, но Владата на Србија веќе во 2020 година беше принудена да изврши докапитализација, со што сопственичкиот удел на државата го зголеми од 51 на 82 отсто, додека уделот на Етихад Ервејс е намален од 49 на 18 отсто.
По втората докапитализација во септември 2022 година, државата го зголеми сопственичкиот удел на 83,6 отсто, додека уделот на „Етихад Ервејс“ се намали на 16,4 отсто.