Специјалниот суд против организиран криминал и корупција денеска донесе одлука со која се прифаќа барањето на Специјалното обвинителство за определување засилени безбедносни мерки за поранешниот шеф на државата и екс-премиер, Сали Бериша, актуелен лидер на побројното крило на опозициската Демократска партија.
Според одлуката донесена од шефицата на судот, Ирена Ѓока, Бериша од денеска е во домашен притвор под полициски надзор, а забранета му е и комуникација со други лица, освен членови на семејството, со кои живее во станот.
Претходно судските рочишта беа одложувани на трипати, по барање на неговите адвокати, прво да се запознаат со досието а потоа со барања за изземање на судијката Ѓока. Тие денеска изјавија дека повторно, но по пошта, доставиле барање за нејзино изземање, но судот тврди дека нема ново барање.
„Одлуката на судот е очекувана и ќе ја обжалиме. Нашиот клиент Бериша е во неговиот стан. Недозволувањето комуникација со други лица е лишување од права и слободи за пратеник. За тоа е потребно овластување од Собранието“, рече неговиот адвокат Генц Ѓокутај.
Претходно, парламентот по барање на Специјалното обвинителство му го одзеде пратеничкиот имунитет. Нему претходно му беше изречена мерка задолжително јавување секој понеделник и четврток во судот, што ни еднаш не го испочитува, како и мерката забрана да ја напушта земјата.
Бериша е обвинет за „пасивна корупција“ и „злоупотреба на службената положба“ во врска со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизан“ во Тирана, во која е обвинет Јамарбер Малтези, негов зет за ќерка, кој незаконски стекнал пет милиони евра.