Регион „Бугарска меморија“

Бугарска донација за општина Пустец, Колефски вели добредојдена е секоја помош што нема никаква заднина

Модуларната болница ќе обезбеди соодветни услови за прегледи и добивање соодветна терапија, поради кои жителите на селото во моментов се принудени да патуваат до Пустец или Долна Горица, наведува агенцијата.

Бугарска донација за општина Пустец, Колефски вели добредојдена е секоја помош што нема никаква заднина

Фондацијата „Бугарска меморија“ обезбеди уште една голема донација за потребите на граѓаните на општина Пустец, модуларна болница за брза помош опремена со целиот неопходен мебел и опрема, клупи за селата од регионот, копир апарати и принтери за потребите на администрацијата на општината, објави албанската државна агенција АТА.

Во присуство на претседател Милен Врабевски и претставници на фондацијата, како и амбасадорот на Бугарија, Ивајло Киров, примопредавањето на донацијата било во селото Голобочани, каде ќе биде поставена модуларната болница.

– Модуларната болница ќе обезбеди соодветни услови за прегледи и добивање соодветна терапија, поради кои жителите на селото во моментов се принудени да патуваат до Пустец или Долна Горица. Со тоа ќе се овозможи и присуство на медицински персонал во Глобочани. Донираните клупи ќе бидат поставени во центрите на селата во општината, наведува агенцијата.

Апаратите за копирање и печатење ќе се користат во реновираната зграда на општина Пустец и се продолжение на донацијата на „Бугарска меморија“ направена во текот на април годинава. Тогаш беа донирани мебел и компјутерска опрема за потребите на општинската администрација, односно вкупно 25 компјутери, 25 монитори, 44 канцелариски маси, столчиња и друго.

– Да, денеска добивме нова донација од споменатата фондација. Ние сме мала, сиромашна општина. Секоја донација е добредојдена, доколку нема никаква политичка или друга заднина, рече кусо за МИА, градоначалникот Пали Колефски.

АТА потсетува дека во 2023 година, повторно со иницијатива и финансирање на „Бугарска меморија“, екипа специјалисти-кардиолози престојувала во Пустец пружајќи бесплатни прегледи на жителите на деветте села во општината а неколку месеци подоцна, бугарската фондација донирала медицинска опрема и потрошен материјал во Здравствениот дом во Пустец. Фондацијата во 2020 година донирала амбулантно и противпожарно возило и џип за општина Пустец.

To top