Со изградба на 14 градежни галерии ќе се стабилизира земјиштето на најкритичните делови од трасата на автопатот Кичево-Охрид, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски во интервју за ТВ Алфа. Тој нагласи дека станува збор за најтешкиот дел од автопатот, каде се работи во планински предел со хетерогено земјиште кое постојано се движи и содржи многу вода.
-Дополнителен предизвик се височините од 900 до 1.200 метри надморска висина. Единствено решение е примената на иновативниот метод со изградба на галерии за стабилизација на земјиштето, појасни Николоски, додавајќи дека ќе се градат два вида галерии – видливи и внатрешни, при што кај селото Ботун ќе се врши стабилизација на земјиштето на длабочина од 12 до 16 метри. Проектот е дизајниран од македонски експерти и ќе го реализираат домашни компании.
Како причини за долгото траење на изградбата на автопатот, Николоски ги наведе лошото планирање во минатото и дополнителното стопирање на проектот од претходните власти.
Во делот на воздушниот сообраќај, Николоски истакна дека аеродромите во Македонија се поврзани со 21 нова дестинација, а скопскиот аеродром годинава надминал 3 милиони патници, што е рекорд во историјата на државата.
Како нареден предизвик за развој на туризмот, Николоски го посочи недостатокот на сместувачки капацитети.
-Нашиот најголем туристички центар моментално може да понуди не повеќе од 5.000 легла, што е далеку од она што сакаме да го видиме. Сакаме да дадеме олеснување во делот на изградба на хотели, затоа што не можеме да очекуваме развој на туризам без понуда, истакна Николоски.
Зборувајќи за придобивките од новите авиолинии, тој информира дека бројот на патници достигнал 3,5 милиони и најави реконструкција на охридскиот аеродром во 2026 година.