Кошарка

МКФ со објава околу купот „Благоја Георгиевски – Буштур“

МКФ со објава околу купот „Благоја Георгиевски – Буштур“

Кошаркарската федерација на Македонија информира дека ќе организира лицитација и работен состанок со сите заинтересирани страни – физички лица, здруженија, акционерски друштва и правни субјекти – кои пројавуваат интерес за организација на националниот кошаркарски куп „Благоја Георгиевски – Буштур“ за 2026 година, во машка и женска конкуренција.

Лицитацијата и работниот состанок имаат за цел: навремено, транспарентно и суштинско усогласување околу сите клучни аспекти поврзани со организацијата на Купот, при што ќе бидат разгледани и прецизирани:

– датумите и термините за одигрување на натпреварите,

– изборот и техничката подготвеност на спортските сали,

– исполнувањето на пропишаните организациски, безбедносни и логистички услови,

– протоколите и придружните активности за непречено одвивање на натпреварите,

– координацијата со службените лица, медиумите и останатите релевантни фактори,

– подигнување на севкупното ниво на организација, промоција и достоинствено одбележување на Купот како национален спортски настан.

Лицитацијата ќе се одржи на:

● 26.01.2026 година (понеделник), со почеток во 12:00 часот,

● Во салата за состаноци на Кошаркарската федерација на Македонија.

Почетната сума за лицитација изнесува:

– 200.000 денари – за организација на Купот во женска конкуренција,

– 500.000 денари – за организација на Купот во машка конкуренција.

Во наведените износи се вклучени: комплетните трошоци за службените лица (судии, делегати, контролори, записничка маса и статистика), организациска и координациска поддршка од страна на федерацијата, која опфаќа:

– надзор и супервизија на исполнувањето на пропишаните услови,

– официјална комуникација и информирање на јавноста за време на финалниот турнир.

Обезбедување на спортски објект (сала), на целокупната техничка инфраструктура (спортска опрема, семафор-и, ИТ и интернет поддршка, аудио-визуелна опрема, медиумски и ТВ/стриминг предуслови и награди за најдобрите), и логистиката поврзана со функционирањето на салата, претставува исклучива обврска на организаторот (освен ако поинаку не биде утврдено со посебен писмен договор).

Сите заинтересирани субјекти кои ќе конкурираат за организација на финалниот турнир од Купот, како услов за учество во лицитацијата, се должни, најдоцна до 22.01.2026 година (четврток) да уплатат 10% од почетната сума за Купот за кој аплицираат.

Дополнителните организациски, технички и финансиски обврски, како и критериумите за избор на организатор, ќе бидат детално образложени и прецизирани за време на состанокот, во согласност со важечките пропозиции, добрите практики и највисоките организациски стандарди.

Ги покануваме сите заинтересирани субјекти навремено да го потврдат своето присуство, и со сериозен, одговорен и професионален пристап, да се вклучат во процесот за избор на организатор на овој значаен национален кошаркарски настан.

To top