Здружението на приватни гинеколози и акушери предупреди дека примарната гинеколошко-акушерска здравствена заштита се соочува со сериозни проблеми поради недефинирани стандарди и нејасни договорни обврски. Лекарите истакнаа дека ваквата состојба создава хаос и неправедно ја префрла одговорноста врз нив, наместо институционално да се уреди.
-Недефинирани се стандардите за бројот на потребни прегледи, индикациите за прегледи. Прегледи има многу, на барање на пациентките, надвор од стандардите. Постојат медиумски промоции дека сите прегледи се бесплатни, а оваа правна и договорна нејаснотија со години создава различни толкувања и ја става одговорноста неправедно врз лекарите, соопштија тие на денешната прес-конференција пред Министерството за здравство.
Здружението посочи дека проблемот не е во самите превентивни прегледи, туку во недостигот на јасно дефиниран „сет на услуги“ што треба да биде покриен со капитацијата која ја плаќаат пациентките преку здравственото осигурување. Посочија дека се обратиле до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, за решавање на проблемот.
-Со оглед на сè подлабоката криза и состојбите во кои ниту давателите на здравствени услуги, ниту пак нашите пациентки имаат јасна слика за правата и обврските, испративме барање до двете за нас релевантни и партнерски институции: Министерството за здравство, преку своите надлежности, да доизготви клинички упатства, кои меѓу другото ќе значат и системско подигнување на стандардите за примање и пружање на примерна здравствена заштита на ниво до европските стандарди, и до Фондот за здравствено осигурување, за ревидирање на постојниот договор со имплементација на сет услуги според упатствата од Министерството за здравство, истакнаа тие, дополнувајќи дека до сега не добиле одговор.
Од Здружението порачаа дека остануваат на ставот за итно отворање дијалог со институциите, со цел ревидирање на постојниот договор и воспоставување транспарентен и одржлив систем во интерес на пациентките и примарното здравство.