Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје со завршен збор на одбраната на обвинетите. На изминатото рочиште Основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
По завршните зборови на Основното јавно обвинителство, правните застапници на оштетените семејства пред судот изјавија дека во целост го прифаќаат барањето на Обвинителството, се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.
Додека, адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, завршниот збор го оцени како контрадикторен сам по себе. Туфегџиќ нагласи дека никаде не е спомнат таткото, ниту пак било каква конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Посочи дека не бил изведен ниту еден доказ од страна на Обвинителството во целата судска постапка со кој би се докажало дека Александар имал комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.