Македонија 5,2 милиони евра за енергетски реформи

Започна имплементацијата на ИПА 3, ЕУ фондови за одржлива енергија

Започна имплементацијата на ИПА 3, ЕУ фондови за одржлива енергија

Активно работиме и посветени сме за достигнување на нашата цел – одржлив економски раст и енергетска независност на земјата, порача министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, на отворањето на пленарниот состанок на Секторската работна група за ИПА 3 – Прозорец 3: Зелена агенда и одржливо поврзување, со фокус на потсекторот Енергија, што денеска се одржа во свечената сала на Владата.

На настанот, на кој учествуваа над 50 претставници од домашни и меѓународни институции, донатори, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со дополнителни учесници кои го следеа состанокот онлајн, Божиновска ги презентираше целите и приоритетите на Министерството во насока на спроведување на реформите за одржлива енергетска транзиција.

-При имплементацијата на енергетската политика, соработуваме со експерти, со нашите меѓународни партнери чија помош е витална за успешно спроведување на реформите, со академската и бизнис заедница, невладините организации, а се со цел транспарентност и успешност на зацртаните планови. Целта е да имаме иновативни идеи и брза модернизација и унапредување на енергетскиот сектор, рече Божиновска.

Тоа, додаде, ќе го направиме многу транспарентно и ќе бидеме фер кон сите играчи во овој процес.

– Тоа значи дека нема да дадеме приоритет само на една компанија, сакаме да сме отворени и да дадеме еднакви можности за сите. Ќе ги зголемиме геолошките истражувања за утврдување на нови можности за минерални суровини во досега неистражени подрачја, но потенцирам дека приоритет ќе биде здравјето на граѓаните. Нема да правиме ништо што не е во согласност со најновите стандарди на ЕУ и ќе ја слушнеме волјата на граѓаните, истакна Божиновска

ИПА 3 – Прозорец 3, како што кажа, претставува рамка за финансиска поддршка од Европската Унија, наменета за зајакнување на зелената агенда и одржлив енергетски сектор, а во рамките на оваа програма ќе бидат обезбедени финансиски средства во висина од 5,2 милиони евра за поддршка на проектите за намалување на штетните емисии, зголемување на енергетската ефикасност и развој на обновливите извори на енергија.

– Овие средства се значаен чекор напред кон постигнување на целите за зелена енергетска транзиција. Соработката меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор е клучна за успешно искористување на овие фондови, посочи министерката Божиновска.

Најнови вести од Македонија

To top