Македонија колумна

За конструктивната лидерска средба и неконструктивниот СДСМ

За конструктивната лидерска средба и неконструктивниот СДСМ

Пишува: Никола Тасев

Ете, конечно во Македонија се случи и лидерска средба од која кога заврши не излегоа раскарани партии. Добро е тоа за земјата, премногу долго беше обратно. Се отвориле повеќе теми и сите партиски лидери изнеле свои видувања и приоритети. За повеќе работи имале заеднички ставови и што е најважно, не си ги затворија вратите за идни средби.

Премиерот Христијан Мицкоски како иницијатор за разговорите ја оцени лидерската средба како плодна дискусија и дебата која била со предлози и идеи.
„Македонската јавност можеше да види едно зрело, конструктивно однесување на политичарите. Предложив вакви средби да се случуваат почесто“, истакна тој.

Успешноста на лидерската средба ја потврди и опозиционерот Димитар Апасиев од Левица, кој секогаш е критичен кон власта. Тој по средбата истакна дека се поминало „изненадувачки првпат конструктивно”.

Дека на средбата не се генерирале конфликти на извесен начин потврди и Али Ахмети кога посочи дека за некои прашања одлучиле дополнително да се договори негова средба со премиерот Мицкоски. Тоа се чекаше, да има средби помеѓу нив, за да се решаваат отворените прашања и тензии.

Но, на сета оваа вчерашна конструктивност дијаметрално различно реагираа од СДСМ. Од таму додека траеше средбата излезе соопштение дека сите што ќе одат на лидерската средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата.

Значи, сите се лоши, ама тие ќе ги опоменуваат и оправаат. По средбата пак Филипче истакна „ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар“.
Просто збуни оваа изјава, особено што СДСМ долго, долго владееше со ДУИ, а и заедно беа пратени во опозиција.

Но, секој со својот ум и намери. Добро е што има конструктивност кај речиси целиот политички блок во Македонија. А, тоа, кој е на пазар, кој е конструктивен, а кој не, јавноста ќе суди на избори. Додуша и до сега добро пресудуваше.

 

 

Никола Тасев за ПРВАСКОПСКА.МК

Најнови вести од Македонија

To top