Универзитетската клиника за дерматологија денеска и утре во Скопје ќе ја организира Втората годишна научна конференција на која во пет пленарни сесии ќе учествуваат 20 домашни и осум странски предавачи од Бугарија, Србија, Хрватска и од Турција.
Како што соопшти Клиниката, конференцијата ќе ги обедини дерматолозите и лекарите од другите специјалности околу три важни теми: дерматоонкологија, детска и адолесцентна дерматологија и третман на лузни од изгореници.
Учесниците ќе дискутираат за превенција и рано откривање карциноми на кожа со курс по дермоскопија, во соработка со International Dermoscopy Society (IDS). Над 60 слушатели на курсот ќе ги проследат предавањата на наши и домашни експерти од оваа област.
За детска и адолесцентна дерматологија ќе има две сесии, на кои ќе учествуваат педијатри и дерматолози од Македонија, Бугарија и Србија, со акцент на ретките болести. Во поддршка на овие сесии, гостин на конференцијата ќе биде и здружението на пациенти „Живот со предизвици“.
Две сесии ќе има и за темата третман на лузни од изгореници со учество на специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија, психијатрија и дерматологија од Македонија.
-Учествуваат специјалисти кои беа и сè уште се активно вклучени во лекувањето на лузните од изгореници кај пациентите од пожарот во Кочани. Ќе се презентираат досегашните применувани третмани, нивните ефекти, како и стратегиите за понатамошно подобрување на лузните, се наведува во соопштението.
Настанот е акредитиран од Лекарската комора на Македонија и Македонското лекарско друштво. Апстрактите се публикувани како Суплемент на Academic Medical Journal. (МИА)