Македонија појава на нови жаришта во овој регион засега нема

Во Кумановско стабилна состојбата со африканска чума кај свињите

Состојбата со болеста африканска чума кај свињите во Кумановско е стабилна, информираа денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во Кумановско стабилна состојбата со африканска чума кај свињите

По последниот случај во село Тромаѓа, каде на фарма со 660 угинаа 60 животни, појава на нови жаришта во овој регион засега нема.

– Согласно донесеното решение за определување на заштитна зона и зона под надзор при потврда на болеста африканска чума кај свињите, овде комплетно е спроведена мерката за депопулација и нештетно закупување на свињите од одгледувалиштето каде беше потврдена болеста, како и од сите контактни одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста, велат од АХВ.

Денеска и од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ соопштија дека е завршено со закопување на угинатите свињи.

– Извршена е дезинфекција на патот до јамата во Шупли Камен, информираа од Центарот.

АХВ претходно информираше дека лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје покажале присуство на болеста африканска чума кај свињите во одгледувалиште во село Тромеѓа. Во ова село и во населбата Карпош е заштитна зона е во радиус од три километри, додека во повеќе села во радиус од десет километри Карабичане, Табановце, Четирице, Горно Коњаре, Долно Коњаре, Речица, Режановце, Лопате, Бедиње, Клечовце, Проевце, Љубодраг, Шупљи Камен, Черкези, Зубовце, Романовце, Бељановце, Доброшане и градот Куманово во Општина Куманово, Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Никуљане во општина Старо Нагоричане, Ваксинце и Опае во Општина Липково е зона под надзор.

Од 27 декември лани, затворен е и добиточниот пазар во Долно Којнаре.

Жителите на неколку села реагираа зошто во нивен атар се закопуваат угинатите свињи, првично жителите на Речица кои се судрија и со полицијата, а вчера и жителите на Шупли Камен кои бараа дезинфекција на патот. Денеска и полицијата потврди дека вчера жител на Шупли Камен пријавил дека бил нападнат од едно лице.

– Вчера, во 12.47 часот во СВР Куманово Д.С. од Куманово пријавил дека во село Шупли Камен, кумановско бил физички нападнат од Н.Т. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.

Поврзани теми

To top