СДС и Богданка Кузеска продолжуваат да лажат и да ја манипулираат јавноста. Тоа веќе им премина во хронична навика. Нема кривични пријави за какви што зборува Богданка Кузеска на прес-конференцијата, тие се целосно измислица, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција на Богданка Кузеска.
„Во однос на протестите и немирите во Кочани, шест лица кои учествуваа во толпа само се повикани на разговор и тоа не резултираше со кривични пријави.
Ниту пак има некаква активност, односно кривични пријави, како што вели Кузеска, за објави на фејсбук.
Оттука се покажува само едно, СДС и Богданка Кузеска, а отворат уста, а лажат.
На народот им е преку глава од ваквото безобразно лажење и манипулирање, како и искористување на трагедијата во Кочани од страна на СДС, за политички поени.
А, во однос на тоа што зборува дека истрагата е селективна, ја потсетуваме дека само до сега во предметот за Кочани опфатени се 34 лица и во притвор се наоѓаат луѓе како од СДС, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, така и луѓе од деловниот свет кои не се дел од политиката.
Исто така, ја потсетуваме Кузеска дека седумгодишното владеење на СДС се карактеризира токму со таа селективност во истрагите и кривичната одговорност, само што таа тогаш не беше вака гласна и од партиската говорница не бараше темелни и неселективни истраги.
Во време на СДС немаше неселективна истрага, ниту пак одговорност, ни за модуларната ковид болница во Тетово во која животот го загубија 16 лица, а која се случи во време на министерскиот мандат на сегашниот претседател на партијата, Венко Филипче“, потенцираат во реакцијата.
Неселективна правда и истраги, а ниту приведени функционери, немаше ни за Ласкарци, односно Дурмо турс и Беса транс и за сите овие трагедии виновни беа или шасиите, или пак продолжните кабли, додаваат во реакција на прес-конференција на Богданка Кузеска.