На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обратија градоначалникот на општина Ранковце, Борче Спасовски и градоначалникот на општина Кратово, Тодорче Николовски кои наведоа позначајни проекти кои се реализирани во општините, во областа на образованието, инфраструктурата и туризмот.
Спасовски наведе неколку реализирани проекти за општината како вложување во патната инфраструктура за поврзување на селата со општината и подобрување на условите во училиштата со целосна реконструкција на училници и училишни дворови.
„Во текот на мандатот изградивме, реконструиравме околу 8 километри инфраструктура, односно патишта кои ги поврзуваат нашите села со општината, а тековни проекти околу 4 км дополнително ќе бидат изградени. Ги подобривме условите во училиштата, инвестиравме во реконструкција на училници и училишни дворови во село Радибуш после 40 години целосно го реконструиравме училиштето. Социјално ранливите категории добија конкретна помош и поддршка, во село Псача изградивме водоводен систем“, рече Спасовски.
Градоначалникот на општина Кратово, Николовски истакна дека Кратово се развива во препознатлива туристичка дестинација се вложува во туристичкиот потенцијал на градот со реконструкција на културно историски споменици и формирање на посебен отсек во образованието за угостителство и туризам.
„Обезбедивме голем број на проекти за подобрување на животот на граѓаните во Кратово. Ние се осврнавме на туризмот, со цел зголемување на туристичкиот потенцијал на градот, се посветивме и работевме на таргетирање на потенцијалите на развој и позиционирање на градот во препознатлива туристичка атракција, реконструкција на културни историски споменици, партерно уредување, формиравме посебен отсек за угостителство и туризам, имаме два значајни проекти како погранична соработка со Србија и Бугарија , спроведен во рамките на средното училиште во кој што се изгради еден хостел со сместувачки капацитети и опрема за рурален туризам и реконструкција на старата училишна зграда во центарот на градот и изградба на 11 апартмани во функција на туризмот“, рече Николовски.